Забавниот живот во стариот Рим.

Римјаните сакале да се забавуваат. Традиционално било државата да организира забавни настани-сектакли за граѓаните. Спектакуларните настани како дел од животот на Римјаните, биле:триумфалните поворки, аристократските погреби биле организирани во самиот град додека имало и спектакли кои се организирале во театрите, амфитеатрите и во киркусите* (Circus Maximus).

Во театрите, како што раскажува Ливиј се изведувале претстави со танцување кои по потекло биле од Етрурците. Во 240 година п.н.е. се изведувале целосни драми на Ливиј Андроник кој по потекло бил Грк. Латинската трагедија била изведувана и била во полн ек во вториот век. За време на царството најчесто изведуван бил мимот(драма без маски, со лесна тематика).



За разлика од театрите амфитеатрите биле застапени само во Рим не и во Стара Грција. Таму се одвивале сосема поинаков вид на спектакли како гладијаторските игри и venationes( борбите со диви животни). Овие игри (ludi) започнале како погебни церемонии, а подоцна се играле за време на Републиката и во Царството се до 325 година кога биле забранети од императорот Константин како премногу крвави во време на мир. Во амфитеатрите се одвивале и симулации на поморски битки во кои арената( кружниот дел каде што била борбата) се полнела со вода и глумците во чамци глумеле дека се борат. Најпознат амфитеатар во Рим бил Колосеумот. Тој можел да собере 50 000 гледачи.  Гладијаторските игри започнувале со поворка која ги вклучувала самите гладијатори а на чело одел спонзорот( editor ) на игрите, за време на Царството тоа бил императорот. Се започнувало со шеговити борби рано наутро. Целиот почеток бил придружуван со музика. На паузата за ручек се екзекутирале криминалци кои извршиле некакво грозно злосторство. Попладне се одвивале гладијаторските борби.



Circus Maximus (Киркус Максимус) бил сместен помеѓу ридовите Палантин и Авентин. Киркус Максимус бил еден од најголемите „стадиони“ во историјата собирал од 150 000 до 250 000 гледачи. Таму се одвивале трките со коњски коли т.н коњички трки, кои всушност биле најстарите спектакуларни настани во Рим. Овие трки датираат од пред шестиот век пред нашата ера. На почетокот немало никаква зграда туку трките се oдвивале на песокот помеѓу двата рида, подоцна биле изградени „стадионот“ и седиштата за гледачите. Во времето на Август целата зграда била долга 620 метри, а широка околу 150-160 метри. Овие трки биле многу популарни кај сите класи во Рим тоа ја отварало можноста за обложување иако во Рим немало јавно организирани обложувалници. Најголем број од тркачите биле робови, но набргу стекнувале многу пари и си ја откупувале слободата. Тркачите биле поделени во тимови и тоа најмногу четири, а се разликувале по бојата на облеката (бела,сина,зелена,црвена). Кога трката завршувала присутниот магистрат доделувал палмино гранче и венец на победниците, а подоцна биле доделувани парични награди.



Секој римски град имал јавни бањи (termae) кадешто луѓето се капеле и се дружеле. Секоја бања била комплекс како некаков заднички центар каде можело да се вежба, да се спортува, да се релаксира и секако да се дружат меѓу себе. Посетителите првин оделе во соблекувалната каде што се соблекувале. Римајните за разлика од Грците не се капеле голи, носеле subligaculum(може да се види подолу на сликата)


Се мачкале со масло, можело по желба да се вежба, да се добие масажа, да се спортува и потоа се триеле со една метална направа наречена strigil. Римските бањи имале повеќе простории. Со капење започнувале во топлата соба (tepidarium) со загреани ѕидови и под, а потоа се одело во топлата бања (caldarium) кадешто имало базен со топла вода која била најблизу до печката, потоа ладната просторија (frigidarium) во која имало базен со ладна вода. Имало простории со водена пареа со затоплување како сауна (laconicum). Во бањите имало градина каде можело да се шетаат по капењето, имало продавници за лесна храна, библиотека. Бањите биле загревани со систем за греење (парно греење) наречен хипокауст.

 

 

0 comments:

Post a Comment